Заеднички текст на амбасадорите на Германија и Франција по повод 54 годишнина на Елисејскиот договор

23.1.2017
Амбасадорката Кристине Алтхаузер и францускиот амбасадор Кристијан Тимоње Зголемување на сликата (© Германска амбасада Скопје)

На 22 јануари 1963 година во Елисејската палата во Париз, францускиот претседател Шарл де Гол и германскиот сојузен канцелар, Конрад Аденауер, го потпишаа Договорот за германско-француска соработка. Договорот стана еден од најзначајните чекори на патот кон помирување меѓу поранешните „вечни непријатели“ и влезе во историјата како Елисејски договор. Овие денови по 54 пат се одбележува овој настан.
Договорот претставува пресвртница во развојот на германско-француските односи: само 18 години по завршувањето на Втората светска војна и злосторствата извршени од страна на Германците, поранешните воени ривали се обврзаа на пријателство и широка политичка соработка.

Три клучни области се карактеристични за Договорот: потписниците на Договорот определија обврзувачки механизам за консултации, според кој владини претставници од двете држави ќе имаат редовни средби; како на највисоко ниво меѓу Претседателот и Канцеларот, така и на ниво на министри и раководни службеници. Покрај тоа, договорени беа и спогодби за надворешна, европска и одбранбена политика како и блиска соработка во културната и младинската политика. Конкретен резултат од оваа одлука беше формирањето на германско-француската Канцеларија за млади на 5 јули 1963 година. Канцеларијата за млади на земјите од Западен Балкан, основана во јули 2016 година во Париз, експлицитно се поврзува со германско-францускиот пример.

Средбите меѓу Германците и Французите беа во фокусот на заложбите од самиот почеток: 180 програми за академска размена, германско-француски телевизиски канал, 2.200 збратимени градови, една заедничка високообразовна установа, двојазични детски градинки и повеќе од 8 милиони млади Германци и Французи кои учествуваа во заеднички програми за размена, докажуваат дека целта за блиска соработка е постигната.

Елисејскиот договор го запечати партнерството меѓу две земји, кои неколку пати во текот на историјата немилосрдно се бореле една против друга. Само во изминатите 150 години, германските и француските војници војувале три пати едни против други: по германско-француската војна во 1870/71 година следеше Првата светска војна, а по неа и Втората светска војна. Секогаш стануваше збор за судири, кои требаа да расчистат кој ја има доминантната позиција во Европа. Од тие причини, Договорот не претставува само длабок пресврт во досегашните односи меѓу двете земји, туку приближувањето даде свој придонес и кон тоа некогашните „вечни непријатели“ да станат најважни партнери во Европа, кои заедно ги создаваат основите на една долготрајно мирољубива Европа.

Зошто оваа годишнина, 54 години по потпишувањето на Договорот, и денес е од толку голема важност? Таа не е само важна, туку е дури и поважна од кога било! Европското дело на обединување плови по бурни води, кој би се осмелил да го одрече тоа со оглед на многубројните кризи, со кои треба паралелно да се справуваме? Важно е во оваа сложена ситуација постигнатото да се зачува и надградува. Со Европа не се игра! Германско-француското помирување по завршувањето на Втората светска војна и воспоставувањето на блиско пријателство, поставено на основа на интензивни граѓанско-општествени односи меѓу нашите две земји, е еден од најголемите успеси на француската и германската надворешна политика. Француско-германскиот тандем и во иднина ќе даде важни придонеси за понатамошниот развој на Европската Унија, за одбраната на нашиот слободољубив-демократски модел и за надминувањето на меѓународните кризи.

© Германска амбасада Скопје

Објавен во Утрински Весник и Лајм на 21.01.2017 г.

Deutsch-Französische Freundschaft