Да се бориме за посилна Европа!

25.3.2017
Министерот за надворешни работи на СР Германија, Зигмар Габриел Зголемување на сликата (© Bundesregierung Bergmann-L)

Колумна од Зигмар Габриел, министер за надворешни работи на СР Германија, по повод годишнината на „Римските договори„

Европа, ти имаш роденден! На 25 март 1957 год., пред 60 години, државите-основачи ги потпишаа Римските договори“. Датумот е клучен патоказ на најуспешниот проект за слобода, мир и благосостојба, кој светот кога било го видел!

Тоа е причина за радост.

Меѓутоа, по 60 години Европа стоиме на крстопат. Финансиската криза и односот со брановите бегалци безмилосно ги открија слабостите на европскиот проект на обединувањето. За неколку дена Велика Британија ќе ја соопшти својата желба за излез од Европската унија. Тоа е извик за будење. Мораме да бидеме единствени за тоа што значи Европа за нас, каде сакаме да стигнеме со нашата Европа и што сме подготвени да инвестираме за тоа.

Во ова е вистинското значење на оваа годишнина од Рим.  

Европскиот проект на обединувањето денес се напаѓа како ретко досега, од внатре и од надвор, од популисти кои создаваат привид за едноставни решенија, од автократи, на кои им пречат нашите вредности. Сите тие сакаат Европа да ја вратат назад или дури и да ја уништат.

За мене е јасно, патот на европското единство е вистинскиот и единствениот. Да не си правиме илузии: во овој свет, разнишан од кризи, во кој толку многу нешта кои беа сигурни исчезнаа, државите на Европа може успешно да ги бранат своите интереси и вредности само ако зборуваат со еден глас. Ниту една земја во Европа, ниту пак Германија, не може да го стори тоа сама. Заедно сме неспоредливо повеќе и неспоредливо посилни од збирот на сите поединечни држави. Затоа мораме повеќе да се зближиме.

Од тие причини 60-годишнината мора да биде силен знак на надеж, повик да се бориме за Европа. Не смееме да останеме неми, ако влогот е крајот на европското обединување.

Да се бориме за Европа значи да ги браниме нашите заеднички, односно европски вредности. Сакаме Европа, која со децении ни обезбедуваше слобода и стабилност, да ја направиме способна за иднината. Правна држава и демократија, солидарност едни со други и разновидност меѓу себе се основите на европскиот проект. За тоа мораме да гарантираме во иста мера и нанадвор и навнатре.  

Да се бориме за Европа исто така значи да гарантираме за постигнатото. Враќањето на првобитната положба на нашата интеграција нема да нѐ придвижи напред. Заедно ја надминавме должничката криза на државите. Работиме на тоа сите во еврозоната да може да гледаат со оптимизам напред, дека насекаде повторно се создава нов пораст и со повеќе работни места се создаваат нови перспективи. За тоа ќе мора и понатаму да ја продлабочуваме Економската и монетарна унија. Не за да се одделиме од другите, туку затоа што со заедничката валута сме тесно поврзани меѓусебе како никогаш претходно.

Но мора да продолжиме: историската задача, пред која сега стоиме, е да создадеме подобра, посилна Европа. Мора заедно да инвестираме во Европската унија и најзначајниот проект за мир и благосостојба на нашето време да го направиме да биде во добра форма за во иднина:

Прво во европската надворешна и безбедносна политика: време е да се разделиме од претставата дека ние во Европа не ја носиме сами одговорноста за нашата безбедност. Точна е реченицата дека Европа конечно мора да порасне. Партнерството со САД и НАТО се стожери на трансатлантската заедница. Но, Европската унија мора да биде во состојба самостојно да ги совлада кризите и конфликтите во нејзиното соседство. Првите чекори се направени, останатите мора да следат.

Второ, потребна ни е заштита на европските надворешни граници, која навистина го заслужува ова име. Внатре во Европа, границите изгубија многу од нивното значење. Тоа е одлично достигнување. Но, и силните надворешни граници се исто така. Гледаме, за време на кризите во нашето соседство и брановите бегалци колку е важна ефективната заштита на нашите граници. Кому му е драг Шенгенот, нему мора да му е важна заштитата на надворешните граници. Во нешто успеавме, но мора повеќе да сториме. Тоа е европска задача, која се однесува на сите, не само на оние меѓу нас кои се најмногу засегнати.

Трето: Европа мора да се подобри во внатрешната безбедност. Борбата против тероризмот е заедничка заложба. Тука можеме, тука мора да се подобриме преку подобра соработка и повеќе размена. Луѓето во Европа не треба да мора да имаат страв. Без разлика дали во Брисел, Париз, Берлин или каде било. Слободата и безбедноста одат рака под рака.

Како четврто, мора многу посилно да се потсетиме на тоа дека европското ветување отсекогаш било и ветување за благосостојба. Внатрешниот пазар на повеќето им носеше долго време благосостојба. Но, премногу луѓе во Европа имаат и чувство дека тие веќе не профитираат од заедничка Европа, туку дека се напуштени. Тоа мора да го разбереме и да делуваме против тоа. Од тие причини, за мене да се бориме за Европа значи да се засили внатрешниот пазар и сериозно да се сфати социјалната димензија на европскиот проект. Потребни ни се нови услови за пораст и благосостојба. Тука припаѓаат европските инвестиции во дигиталната инфраструктура и во образованието и истражувачката дејност. Ние не сме нето-плаќачи и нето-примачи, туку сите сме нето-добитници на Европа, доколку успееме подобро да ги искористиме средствата и доколку истовремено сите се подготвени да ги спроведат потребните реформи за одржување на нивната конкурентност.

Сакаме сплотено да испратиме сигнал од Рим: ние Европејците постапуваме, ние се залагаме за Европа, ние сакаме да ја направиме подобра! Тоа ќе ни успее, само доколку не се уплашиме, доколку храбро и самосвесно повторно го оживееме европскиот дух, ги понесеме сите со себе и исто така некоја национална состојба ја доведеме во прашање.

Германија е подготвена за тоа.

© Германска амбасада Скопје

Да се бориме за посилна Европа!

Veranstaltung zum Europatag